МЗТ Скопје Аеродром е поразен од Хелиос во Домжале со 76-78, што за Штрковите е втор пораз сезонава во АБА 2 лигата. Победникот се одлучуваше во последните секунди, кога среќата беше на страна на словенечкиот тим.
Првото полувреме беше многу изедначено, четвртините завршија 24-24 и 19-19. Потоа Хелиос беше многу подобар во третиот период и дојде на 67-54. Но, МЗТ не се предаде и благодарение на Џабари Хиндс, потпомогнат од Дамјан Стојановски, направи голем пресврт и дојде во ситуација да победи.
При 77-76, Хиндс утна на седум секунди до крајот, по што Марко Симоновски направи неспортски фаул и беше јасно дека Хелиос ќе остане непоразен на домашен терен во тековната сезона.
Хиндс средбата ја заврши со 29 поени, од кои повеќе од половината во последниот квартал, но џабе. Капитенот Стојановски уфрли 15 поени, но освен нив двајца, немаше други поентерски расположени играчи во тимот на тренерот Кочов. Новиот Американец, Ерон Херис, не даде кош, а играше речиси 12 минути.
Во следното коло МЗТ е домаќин на Широки во дуел на некогашни учесници во главната јадранска лига.