Хрватскиот тенисер Борна Гојо го заврши настапот на Вимблдон уште во првото коло, во кое загуби од Максимилијан Мартерес со 7:5,6:7,6:3,6:4. Тој по мечот во интервју за телевизијата Спортклуб даде интересно интервју кое стана хит во регионот.
„Немам ништо паметно да кажам. Одиграв лош меч, дури и сетот што го освоив беше лош. Имав доста шанси во четвртиот сет, а на крајот направив двојна сервис-грешка на брејк топка. Би сакал некој сериозен специјалист да влезе во мојата глава и да ги размрда работите“, рече Гојо.
Тој потоа беше запрашан дали работи на психолошка подготовка на мечевите, а одговорот на тенисерот беше урнебесен.
„Моментно не. Поминав веројатно десетмина психолози, 27-мина психијатри… Единствено уште да ме затворат во лудница. На некои сигурно не им е добро по мене“, со насмевка одговори Гојо.