Хитер за интересот за Јовиќ: Нормално е јаките рибари да ловат во нашето езерце

Ајнтрахт Франкфурт во четврток гостува кај Бенфика во првиот меч од четвртфиналето во Лигата на Европа, а средбата ќе биде од посебно значење за срспкиот напаѓач Лука Јовиќ. Тој моментно игра за бундеслигашот како позајмен играч од редовите на португалскиот гигант, клубот кој не го ценеше доволно неговиот талент и прелесно се откажа од него.

Јовиќ ќе има шанса да им докаже на „орлите“ од Лисабон дека згрешија што не го задржаа во своите редови бидејќи Ајнтрахт веќе го договори неговиот трансфер, 12 милиони евра ќе бидат искеширани на сметка на Бенфика по крајот на оваа сезона, сума која впрочем беше и клаузула при реализирањето на привремениот трансфер.

Во пресрет на тој меч, тренерот на Ајнтрахт, Ади Хитер, говореше за Јовиќ и неговите способности, а со интересна метафора го прокоментира интересот за Србинот од неколку европски гиганти.

„Лука е вистинска машина за голови, не е случајност што има интерес за него од гигантите како Баерн, Реал, Барселона. Нормално е јаките рибари да ловат во нашето езерце, како што ние тоа го правиме во помали бари“, истакна Хитер.

Иако има само 21 година, Јовиќ е страв и трепет за екипите во Бундеслигата, но и во Лигата на Европа. Во германскиот шампионат на 26 меча постигна 17 гола и е втор стрелец зад Левандовски (21 гол), додека во второто по квалитет европско натпреварување на 10 средби брои 7 погодоци.

Средбата на „Да Луз“ е закажана за утре, со почеток од 21 часот, а во истиот термин се играат и останатите три дуели: Арсенал – Наполи, Славија Прага – Челзи и Вилјареал – Валенсија.

- Оглас -

Најнови вести