Хјустон рокитс го доби дербито против Голден стејт вориорс со 118:112, па така екипата од Тексас ја оствари третата последователна победа над актуелниот шампион само во тековната сезона. Ракетите одлично функционираа и без главниот „мотор“ Џејмс Харден, кој поради повреда на вратот не беше во можност да настапи, но во лидерска улога се покажа Крис Пол.
Воините беа очајни, од старт западнаа во проблеми и дозволија противникот да гради удобра предност. На средината од втората четвртина Хјустон поведе и со +20, но од тој момент избраниците на Стив Кер почнаа да ја топат предноста на Хјустон. Голден стејт конечно до водство дојде при 64:63, а водеа минимално уште во два наврати, но Хјустон одново ја презеде контролата на мечот за на крајот шест поени разлика да бидат за ново славје над актуелниот првак.
Ерик Гордон со 25 поени беше најефикасен кај рокетси, Крис Пол исто така одличен со двојниот учинок од 23 поени и 17 асистенции, а голем придонес имаа и 20-те поени на Фарид, на кои додаде и 10 скока. Kaј поразените најрасположен беше Кевин Дурант со 29 поени, Стеф Кари застана на 25, со тоа што оствари и седум асистенции и девет скока. Томпсон додаде 20 поени, Казинс запиша двоен учинок од 13 поени и 14 скока.
Сакраменто кингс ја изненади Оклахома на нивен терен со триумфот од 119:116, благодарение на трагичарот Расел Вестбрук. Иако „кралевите“ ја имаа контролата на средбата, во решавачките моменти Вестбрук требаше да биде човекот од одлука и да ја одржи својата екипа во живот.
Се случи сосема спротивното, при предност од два поени на гостите, Расел не ја искористи изолацијата и направи фаул во напад на 11 секунди до крајот, па наместо израмнувачки кош Барнс погоди едно слободно за конечни 119:116.
Вестбрук залудно постигна 41 поен надополнети со 10 скока, Џорџ заврши со скромни 13 поени и 14 скока, додека Бади Хилд беше најефикасен во составот на Сакраменто со 34 поени.
https://www.youtube.com/watch?v=FMioiWCTE-c
Резултати НБА:
Голден стејт вориорс – Хјустон рокитс 112:118
Оклахома сити тандер – Сакраменто кингс 116:119
Атланта хокс – Феникс санс 120:112
Кливленд кавалирс – Мемфис гризлис 112:107
Њу Орлеанс пеликанс – ЛА лејкерс 128:115
Вашингтон визардс – Индијана пејсерс 112:119
Мајами хит – Детроит пистонс 96:119
Чикаго булс – Бостон селтикс 126:116
Милвоки бакс – Минесота тимбервулвс 140:128
Јута џез – Далас маверикс 125:109