Вечниот Хоакин и Реал Бетис ја обновија соработката до јуни 2023 година. Клупската легенда од август ќе ја започне својата 23-та сезона во фудбалската кариера, односно 14-та во дресот на андалузискиот тим.
На 21 јули ветеранот ќе наполни 41 година, што значи дека до крајот на следната сезона ќе постави нови рекорди во шпанскиот фудбал. Дебитираше во септември 2000 година во втората лига на Шпанија, но и по повеќе од две децении има сили да игра на највисоко ниво.
Капитенот на Бетис досега во севкупната кариера одигра 908 натпревари, од кои 498 се за матичниот клуб, 218 за Валенсија, 71 за Фиорентина, 70 за Малага, 51 во националниот дрес на Фуријата.
Освои три трофеи во шпанскиот Куп на Кралот, со Валенсија во сезоната 2007/08 и двапати со Бетис во сезоната 2004/05 и минатата.