Македонската одбојкарска репрезентација од 17 часот во салата „Борис Трајковски“ ќе го игра четвртиот меч од групната фаза на европското првенство. Со две победи и еден пораз, избраниците на селекторот Јошко Миленковски веќе испишаа историја со пласманот во осминафиналето. Секоја наредна победа може да биде само мотив повеќе и избегнување на посилен ривал во нокаут-фазата.
„Холандија е селекција од самиот европски врв, со можеби најдобриот коректор во светот кој го постави и светскиот рекорд со 137 км на час. Дури и машините за сервис кои ги имаме ја немаат таа брзина. Значи ќе играме против еден од најдобрите светски играчи, а и сите останати се добри. Двајца од нив ги имам тренирано во Солун, добро ги познавам. Холандија не е од рангот на Полска, која е можеби најдобра селекција во светот, па тоа ни дава за право да се надеваме на подобар отпор против нив, а зошто да не и некој позитивен резултат. Ќе влеземе без психолошки притисок и со помош на публиката да се обидеме да стигнеме до добар резултат“, рече селекторот Миленковски.
Пред две години Македонија и Холандија играа на ЕП и Лалињата беа убедливи со 3:0.