Македонската футсал репрезентација загуби во салата „Јане Сандански“ со 0:3 од Холандија во меч од петото коло од квалификациите за пласман на ЕП. Ова е четврти пораз за нашите репрезентативци кои се на последното место на табелата со само еден освоен бод.
Во првото полувреме Македонија парираше на фаворизираниот гостин и на полувреме се замина со резултат 0:0. Сепак, на почетокот на вториот дел Холандија набрзина постигна два гола. Во 24 минута Лалињата поведоа со 1:0, а веќе во следната минута беше 2:0 за фаворизираните гости. Конечниот резултат од 3:0 за гостите беше поставен во 35 минута.
Во последното шесто коло, Македонија ќе гостува кај Андора на 12 март. На табелата, Португалија е прва со максимални 15 бодови, Холандија има 8, Андора е со три бодови, а Македонија е последна со само еден освоен бод.