9.8 C
Skopje
четврток, 19 февруари 2026

Холандската убавица нема да биде казнета за покажување на градникот на ЗОИ 2026 (Видео)

Холандската брзолизгачка Јута Лирдам нема да биде казнета поради покажување бел спортски градник од брендот „Најки“ откако олимписките функционери ја ослободија од обвинувањата за прикриен маркетинг.

Лирдам (27) го напушта Милано со златен медал на 1000 метри и сребро на 500 метри, а емотивниот момент што по освојувањето на олимпиското злато пред малку повеќе од една недела го сподели со својот свршеник Џејк Пол, додека солзите радосници ѝ се слеваа по лицето, беше еден од највпечатливите на овие Игри.

Видеото од победничката трка Пол го сподели со своите 29 милиони следбеници на „Инстаграм“, но Меѓународниот олимписки комитет не утврди прекршување на медиумските правила.

Секојпат кога ќе помине низ целта, Лирдам има обичај да го отвори својот портокалов комбинезон и да го покаже белото спортско долно руво. Нејзината фотографија од мразот ја објави и „Најки“ на својот инстаграм-профил, кој го следат речиси 300 милиони луѓе, со натпис: „Кога си толку брза, не бараш дозвола.“

Иако „Најки“ не е дел од официјалната спонзорска програма на Олимписките игри, маркетиншките експерти проценуваат дека Лирдам од оваа промоција би можела да заработи околу милион долари.

На прашањето дали Лирдам е виновна за прикриен маркетинг, извршната директорка на МОК за телевизиски и маркетиншки права, Ан-Софи Вумар, одговори:

„Не сум експерт за брзо лизгање. Но, колку што разбирам, отворањето на комбинезонот по трката е вообичаена практика за брзолизгачите бидејќи комбинезонот е многу тесен. Тоа е нормално и не станува збор за прикриен маркетинг.“

Според медиумскиот водич на МОК за Игрите во Милано и Кортина 2026, „зачувувањето на комерцијалната вредност на олимпискиот бренд“ се сфаќа исклучително сериозно. Во водичот се наведува дека „неовластеното користење на олимписките кругови или други олимписки обележја, познато како прикриен маркетинг, може да го наруши интегритетот на брендот“. Таквите активности би можеле да се сметаат за „поткопување на вредноста на официјалните партнерства и би можеле да влијаат на способноста на МОК да обезбедува приходи со кои се поддржуваат спортистите и спортските организации на сите нивоа ширум светот“.

Независно од овој случај, МОК изрази задоволство од начинот на кој Лердам го документира своето олимписко искуство на интернет. Тоа го вклучува и пристигнувањето во Италија со приватен авион, што ѝ донесе и критики дека е „дива“.
Лердам, која на „Инстаграм“ ја следат 6,3 милиони луѓе, се пофали и со чанта „Хермес Биркин“ вредна 10.000 фунти, која си ја купила по освојувањето на олимписката титула во понеделникот, на 9 февруари.

Кавех Мехраби, директор на Одделот за спортисти при МОК, изјави:

„Спортистите остварија повеќе од 1,3 милијарди интеракции на социјалните мрежи. Тоа е околу половина милион по спортист и исклучително сме горди што сакаат да го споделат своето искуство.

Самата Јута Лердам генерираше повеќе од 100 милиони интеракции. Најголемо внимание привлече содржината зад сцената. Ги променивме насоките по Игрите во Париз 2024 и им дозволивме на спортистите од прва рака да го прикажат своето искуство.“

- Оглас -

Најнови вести