Околу 5.000 навивачи на холандската репрезентација ќе има на трибините на „Јохан Кројф“ арената во Амстердам на 27. март на квалификацискиот меч против Летонија и ќе биде еден вид на експеримент за безбедно присуство на публика и на натпреварите за Европското првенство во јуни и јули годинава.
Холандија ќе биде домаќин на четири натпревари, а на еден од нив на 21. јуни ќе игра против Македонија, и ако успее експериментот на 27.март, Горан Пандев и соиграчите ќе имаат можност да играат во вистински фудбалски амбиент.
Холандската фудбалска федерација, КНВБ, за мечот со Летонија ќе користи брзи тестови за откривање на Ковид-19 и паметна апликација за евентуално да се отстранат навивачите кои се позитивни на корона-вирус.
„Ако се покаже како успешен експериментот на мечот со Летонија би можело да го забрза процесот за отворање на стадионите за публика во холандското првенство и што е уште поважно за мечевите на ЕП“, објавија од КНВБ.
Навивачите на стадионот ќе бидат поделени во неколку таканаречени балони, за да се овозможи полесен пристап на трибините, но и откривање на евентуално заразените со Ковид-19.