Холандскиот фудбалски прволигаш Фортуна Ситард нема да може да се натпреварува во Европа следната сезона поради неисполнување на административните услови, соопштија од клубот.
Иако Фортуна моментално се наоѓа на деветтото место во Ередивизие, што во случај на пласман би ѝ овозможило учество во квалификациите за Конференциската лига, клубот нема да може да учествува во европските натпреварувања бидејќи навремено не аплицирал за УЕФА лиценца.
„Во тој момент клубот не ги исполнуваше сите барања, вклучувајќи и доставување извештај од надворешен ревизор согласно правилата на УЕФА. Поради тоа однапред беше оневозможено учество во плејофот за европски натпреварувања“, се наведува во соопштението на клубот.
Фортуна нема учествувано во европските купови уште од Интертото купот во 1998 година.
„Разочарани сме што не можеме да ја наградиме одличната спортска сезона. Сепак, сметаме дека е важно да бидеме транспарентни. Веќе сме фокусирани на подготовките за новата сезона во Ередивизие и продолжуваме да градиме одржлива иднина за клубот“, изјави генералниот директор на Фортуна, Мартин Меркс.
Меркс додаде дека очекува клубот без проблеми да ги исполни условите за лиценцирање за наредната сезона.