Мајнц доживеа конечен пораз во правната битка против својот поранешен играч Анвар Ел Гази (30) откако судот пресуди дека отказот на холандскиот фудбалер поради неговите пропалестински објави на социјалните мрежи бил незаконски.
Со ова беше потврдена претходната одлука од летото 2024 година, а клубот сега е должен да му ја исплати целата плата за периодот колку што траел договорот.
Државниот работен суд на Рајнланд-Пфалц ја одби жалбата на Мајнц, заклучувајќи дека правото на Ел Гази на слобода на изразување има предност пред интересите на клубот.
Мајнц првично му издал опомена по првата објава, а по втората објава му го раскинал договорот без претходно известување.
Судот утврдил дека таквиот вонреден отказ не бил законски оправдан бидејќи изразувањето личен политички став не може да биде причина за моментално раскинување на соработката.
Ел Гази доби отказ на крајот на 2023 година по објавата на социјалните мрежи, каде што ја искажа својата поддршка за Палестина.
„Ова не е конфликт и не е војна. Ова е геноцид и масовно уништување и сведочиме на тоа во живо. Од реката до морето, Палестина ќе биде слободна“, напиша тогаш на „Инстаграм“.
По раскинувањето на договорот, кариерата ја продолжи во катарскиот клуб Ал-Саилија, со кој во септември потпиша двегодишен договор.

