Ракометната репрезентација на Норвешка ги освои првите бодови во главната рунда на Европското првенство откако ја совлада Холандија со 35:32.
Норвежаните кои во првото коло загубија од Португалија (27:32), денеска во „Берклејс арена“ во Хамбург со пресврт дојде до победата.
Во првиот дел, Холанѓаните со брзата игра го диктираа ритамот и на одмор заминаа со предност од 16:18. Но, играњето само со само 6-7 ракометари си го зеде данокот и Норвежаните во вториот дел успеаја да направат пресврт.
Прво со голот на Блонц во 35-та минута Норвешка поведе со 21:20, а првото водство од два гола разлика го имаше две минути подоцна (23:21). Во 47-та минута беше плус пет (28:23) по голот на Тонесен. Холанѓаните не се предадоа и последниот обид да се вратат беше со серијата од 0:3, но играњето без ротација си го направи своето и со грешките во финишот, не успеаја целосно да се вратат во игра и на крајот загубија со 35:32
Магнус Гулеруд со седум и Александер Блонц и Сандер Сагосен со шест гола ја предводеа листата на стрелци кај Норвешка, додека во редовите на Холандија најпрецизен беше Рутер тен Велде со осум гола.