Тука сите стоиме мирно, вели Едвин, еден од волонтерите на Европското првенство што помага сите посетители на Амстердам арената да се чувствуваат комотно.
Веднаш ни е јасно за што станува збор, а Едвин покажува на огромната слика на Јохан Кројф на ѕидот на седмиот кат на стадионот во Амстердам.
Стадионот го носи неговото име и презиме, а колкава почит имаат Холанѓаните за творецот на тоталниот фудбал и најголемиот фудбалер што го имале Лалињата, говори и фактот што и буквално сите се поколонуваат пред него, како своевиден ритуал на почит.
„Тоа е некаква навика, но и чин што Јохан Кројф го заслужува. Тој е нашата најголема фудбалска икона“, додава Едвин.
Утре и Македонија ќе има причина да и се поклони на својата фудбалска икона, на Горан Пандев, капитенот на златната генерација репрезентативци што нè одведе на првото големо натпреварување, на Европското првенство што е во тек.
Гоче Национале утре од 18 часот во домот на Јохан Кројф ќе игра за последен пат за Македонија, во последниот меч за нас на ЕП против Холандија.
Денеска потврди дека дојде крајот на една прекрасна фудбалска авантура, а Македонија утре ќе има прилика да покаже респект на последниот настап на Пандев за македонската репрезентација.