Репрезентацијата на Холандија е нов светски првак во ватерполо за жени. Во финалето, Холанѓанките по подобро изведување на петерци, ја совладаа Шпанија со 17-16 (во регуларниот дел беше 12-12).
Лалињата за време на СП двапати ја победија Шпанија, ги добија сите мечеви и заслужено се на тронот. Инаку, ова е првпат по осум години светската титула да не е во рацете на Американките.
Третото место го освои Италија, која во четвртфиналето приреди изненадување против САД. Шпанките одиграа добро во последната четвртина, на 15 секунди до крајот се изборија за пенали, но сепак титулата отиде во Холандија.
За Холандија ова не е прво светско злато во ватерполо за жени, тие беа шампионки и во 1991 година.