Фудбалската репрезентација на Хондурас доби казна од играње еден домашен натпревар без публика поради инцидентот што се случи за време на натпреварот против Мексико. Селекторот на Мексико, Хавиер Агире, беше погоден во главата со лименка фрлена од трибините, што резултираше со расекотина на главата и потреба од лекарска помош.
Инцидентот се случи по завршувањето на првиот четвртфинален натпревар, кој Хондурас го доби со 2-0. Полицијата набрзо го идентификува лицето кое ја фрлило лименката, водачот на навивачката група на репрезентацијата на Хондурас.
„Донесена е одлука Фудбалската федерација на Хондурас да го одигра следниот домашен натпревар на машката сениорска репрезентација зад затворени врати“, соопшти Дисциплинската комисија.
Интересна беше реакцијата на Агире, кој инцидентот го минимизира и покрај тоа што главата му беше раскрвавена.
„Нема смисла да го споменуваме тоа. Тоа е фудбал, јас не се жалам“, изјави Агире.