Хорхе Гарбахоса: „Драго ми е што Македонската кошаркарска федерација е повторно на вистинскиот пат“

Во рамките на својата кратка посета на македонската престолнина, првиот човек на европската кошарка упати силна поддршка за работата на раководството на федерацијата.

Претседателот на ФИБА Европа, Хорхе Гарбахоса, престојуваше во Скопје по повод одржувањето на 11. издание на ФИБА Европската конвенција за минибаскет, која во изминатите четири дена успешно беше организирана од страна на Кошаркарската федерација на Македонија, во соработка со ФИБА Европа и ФИБА Фондацијата.

Во рамките на својата кратка посета на македонската престолнина, првиот човек на европската кошарка упати силна поддршка за работата на раководството на федерацијата и за насоката во која се развива македонската кошарка.

„Драго ми е што Македонската кошаркарска федерација е повторно на вистинскиот пат“, истакна Гарбахоса за време на заедничката вечера со учесниците на конвенцијата, притоа изразувајќи задоволство од организацијата и од посветеноста која федерацијата ја покажува во развојот на кошарката кај најмладите категории.

Скопје изминативе денови беше европски центар на минибаскетот. Главниот град на Македонија беше домаќин на 11. издание на ФИБА Европската конвенција за минибаскет, која обедини тренери, едукатори, спортски работници и претставници на национални федерации од речиси 40 европски земји.

Настанот понуди богата програма исполнета со едукативни предавања, практични работилници и размена на искуства, со заедничка цел – унапредување на минибаскетот и создавање подобри услови за правилен развој на најмладите кошаркарки и кошаркари низ Европа.

Позитивните оценки од раководството на ФИБА Европа претставуваат уште едно признание за успешната организација на настанот и за напорите што Кошаркарската федерација на Македонија ги вложува во развојот на кошарката на сите нивоа.

- Оглас -

Најнови вести