Гранада ќе му биде домаќин на Реал Мадрид вечерва од 22 часот во многу важен меч за двете екипи. Реал Мадрид е лидер и му треба победа за да се доближи до шампионската круна, а домашниот тим со триумф може да дојде до позициите што водат во Лигата на Европа.
Најава за одличен меч, а Шпанците потсетија на една многу непријатна епизода од дуелите меѓу овие два тима. На 8 јуни во 1974 година Реал Мадрид ѝ беше гостин на Гранада на „Лос Карменес“, а повозрасните љубители на фудбалот се сеќаваат на еден момент, на страшниот старт на Педро Фернандес што ја заврши кариерата на легендарниот играч на Реал, Амансио Амаро.
Стоперот на Гранада беше познат како еден од најгрубите играчи во Шпанија во тој период, а бруталниот старт над Амансио е еден од најстрашните во историјата на фудбалската игра.
Амансио го напушти теренот со тешка повреда, му беше скинат мускулот и потоа паузираше четири месеци. Во тој период напаѓачот на Реал Мадрид беше втор на вечната клупска листа по бројот на настапи за Кралскиот клуб.
Продолжи да игра, но никогаш со истиот сјај што го имаше пред да биде повреден по бруталниот старт на Фернандес и се пензионира во 1976 година со 344 настапи за најтрофејниот шпански клуб и со 119 голови во белиот дрес на мадриѓани.
Фернандес не беше исклучен на мечот од четвртфиналето на Кралскиот куп и покрај многу грубиот старт над Амансио, но потоа дополнително доби казна од 15 меча.
Парагваецот оттогаш беше еден од најомразените играчи во Шпанија, а се пожали дека по мечот бил удрен од играч на Реал Мадрид и му биле скршени неколку заби.
„Знам дека стартот беше снажен, не можам да се вадам за потегот, иако немав намера да го повредам. Бев навредуван долг период потоа, а по мечот добив удар од играч на Реал и ми беа скршени неколку заби. Никој не говори за тоа и, за жал, ме паметат само по тој несреќен момент на дуелот со Реал“, изјави Фернандес.