Баерн Минхен дозна многу лоши вести, нивниот лев бек Алфонсо Дејвис ќе мора долго време да биде надвор од фудбалските терени.
Дејвис се повреди на мечот против САД играјќи за канадската репрезентација и му се дијагностицирани скинати вкрстени лигаменти на десното колено. Тој денеска ќе биде опериран.
За 24-годишниот фудбалер претстои пауза од минимум шест месеци, што значи дека оваа сезона за него е завршена, нема да игра ни на Светското клупско првенство.
Спортскиот директор на Баварците, Макс Еберл, рече дека клубот ќе му ја даде потребната помош на популарниот Фонзи во долгиот период на рехабилитација. Повреда има и Дајо Упамекано, кој ќе паузира неколку недели.
„За жал, за време на репрезентативните паузи, секогаш постои ризик играчите да се вратат повредени, овојпат тоа нè погоди особено тешко. Отсуствата на Алфонсо Дејвис и Дајо Упамекано се силен удар за Баерн. Фонзи ќе ја добие сета поддршка што му е потребна при враќањето“ рече Еберл.
Првата алтернатива на Дејвис најверојатно ќе биде Хироки Ито, а како леви бекови може да ги користат и Рафаел Гереиро и Јосип Станишиќ. Сепак, ниту еден од нив не може да ја замени офанзивната моќ и брзината на Дејвис, неговото отсуство сепак е тежок удар за Баерн.
Канаѓанецот неодамна го продолжи договорот со Минхен до 2030 година, ќе има годишна плата од околу 15 милиони евра плус бонуси.