Македонија трепери, селекторот Боби Милевски нема дилеми: Сеедно е кој ќе ни биде противник, ќе играме напаѓачки за пласман на СП

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, е оптимист пред ждрепката за можните противници на нашата селекција во бараж-дуелите за пласман на Светското првенство во Катар и во ексклузивна изјава за Спорт Манија вели дека му е сеедно со кого ќе играме.

„Искрено, сеедно ми е со кого ќе играме, тука е кремот на европскиот фудбал, а Македонија со одлични игри покажа дека е заслужено во Топ-20 во европскиот фудбал. Ваквите нокаут-натпревари секогаш се тешки и од психолошки аспект, но ние ќе бидеме подготвени за предизвикот. Можеби би било добро да ги избегнеме Португалија и Италија, но од друг аспект. Двата последни европски прваци се силни, но и со нив може да се носиме рамноправно. Мојата фудбалска филозфија се знае, Македонија ќе напаѓа против која било репрезентација за да играме во баражот. Имаме квалитет, прекрасна атмосфера, љубителите на фудбалот нè поддржуваат максимално и зошто да не се надеваме сонот за настап на Светско првенство да стане и јаве. Македонија може да игра на Мундијалот во Катар“, вели Милевски.

И тој, како и сите ние со нетрпение ја очекуваме ждрепката за баражот што ќе се одржи на 26 ноември.

Можни ривали во полуфиналето ќе ни бидат двата последни европски прваци, Италија и Португалија, потоа и Русија, Шведска, Шкотска и Велс.

Рисовите за првпат играат вакви мечеви за пласман на Мундијалот, а сигурно е дека во полуфиналето ќе бидеме гости, но за евентуалното финале и пат во Катар за тоа кој ќе биде домаќин ќе одлучи ждрепката на 26 ноември.

Баражите ќе се играат во март, на 24-ти полуфиналето и пет дена подоцна на 29-ти мечот вреден пласман на Мундијал.

- Оглас -

Најнови вести