Цел свет го чекаше трансферот на векот, на крајот Барса победи: Хронологијата на конфликтот меѓу Меси и Барселона

Лионел Меси и следната сезона ќе го носи дресот на Барселона и покрај драматичните најави за негово заминување. Аргентинецот кој целата досегашна кариера ја помина на „Камп Ноу“ пред 10-тина дена најави дека решил да си замине од клубот, по што започнаа лавина на шпекулации каде може да ја продолжи кариерата. Манчестер сити, Интер, Манчестер јунајтед, ПСЖ беа само дел од клубовите кои се споменуваа како следни дестинации на Меси.

На крајот, Меси денеска се огласи и изјави дека ќе остане во Барселона да ја одработи последната година од договорот.

Како се случи Лео да сака да си оди од Барселона и која беше хронологијата на настаните.

14 АВГУСТ

Барселона се посрамоти во четвртфиналето од Лигата на шампиони и доживеа дебакл од 8:2 против Баерн Минхен. Тоа беше само доказ дека каталонскиот гигант е во катастрофална ситуација.

16 АВГУСТ

Два дена по дебаклот од Баерн Минхен, тренерот Кике Сетјен доби отказ. Меси веќе беше заминат на одмор.

20 АВГУСТ

Додека е на одмор, веќе започнуваат шпекулациите дека Аргентинецот може да си замине од Барселона.

25 АВГУСТ

По писмен пат Меси и официјално побара од челниците на Барселона да си замине и тоа без никакво обештетување. Навивачите на Барселона веднаш започнаа со протести пред „Камп Ноу“. Челниците на клубот потенцираа дека ако Аргентинецот сака да си замине, ќе треба да бидат платени 700 милиони евра.

26 АВГУСТ

Манчестер сити се појави како главен кандидат за да го доведе Меси во своите редови.

27 АВГУСТ

Претседателот на клубот Жосеп Марија Бартомеу изјави дека е подготвен да си замине од клубот само Меси да остане.

29 АВГУСТ

Меси не се појави на првата прозивка за новата сезона

30 АВГУСТ

Челниците на шпанската лига потврдија дека Меси има договор со Барселона на уште една сезона и дека таму стои дека откупната клаузула му е 700 милиони евра.

2 СЕПТЕМВРИ

Таткото на Меси, Жорге, пристигна во Барселона за да има разговори со челниците на клубот. Договор не беше постигнат.

4 СЕПТЕМВРИ

Меси потврди дека останува во Барселона иако негова желба беше да си замине.

 

 

- Оглас -

Најнови вести