Фудбалскиот клуб Осиек во догледно време ќе може да се пофали со најмодерен стадион во Хрватска, а веројатно и во целиот регион. Работите на објектот се во полн ек, нема застој ни во време на пандемија на коронавирусот. Стадионот е покрај реката Драва, и ќе биде посебен поради луксузните содржини.
Се планира да има таканаречени скај боксови, сауна, и џакузи. Овие луксузни додатоци ќе бидат во служба на клубот и играчите, а за време на мечевите, одредени навивачи ќе може да уживаат и натпреварите да ги гледаат додека се „брчкаат“ во џакузи или се потат во сауна.
Осиек својот стадион „Градски врт“ го затвори на 13 март, а истовремено се работеше на новиот објект вреден 40 милиони евра. Хрватската држава не даде пари, а голем дел од вложувањата дојде од унгарската влада на чело со премиерот Виктор Орбан. Стадионот ќе има 12.900 покриени седишта, со можност капацитетот да се прошири на 15 илјади. Првите редови ќе бидат 5-6 метри од теренот, па на фудбалерите ќе може да им се врши притисок. Но, првите два реда ќе бидат луксузни со поскапи цени на билетите.