Кога капитенот на хрватската фудбалска репрезентација, Лука Модриќ, ќе ја освои Лигата на шампионите со Реал Мадрид, тоа е одличен предзнак и за неговата селекција. Барем така беше пред две и пред шест години.
Модриќ во 2018 ја освои ЛШ, а неколку месеци подоцна со Хрватска стигна до финале на Светското првенство во Русија. Во 2022 година, Лука повторно стана европски првак со Реал, а Хрватите таа година беа трети на СП во Катар.
Годинава Модриќ ја освои Лигата на шампионите, а за помалку од две недели треба да почне Европското првенство и Хрватите кои вечер ја пречекуваат Македонија во пријателски меч во Риека, веруваат дека тоа може да биде добар предзнак и дека ќе продолжат со освојување медали во годините во кои нивниот капитен го кревал пехарот од ЛШ.