Поранешниот македонски репрезентативец и еден од капитените на Динамо Загреб оваа сезона, Стефан Ристовски, налето ќе ги напушти Модрите, барем според хрватските медиуми. Договорот на нашиот интернационалец истекува во јуни, Динамо му понуди нов со помала плата и намалување од 700.000 на 450.000 евра годишно, но проблем не се парите, туку малата минутажа кај новиот тренер, Фабио Канаваро.
Стефан Ристовски има 33 години и сè уште може да игра на високо ниво, а според хрватските медиуми, неговите размислувања се насочени кон Истокот, каде што сигурно би играл, но и би заработил многу повеќе од тоа што го заработува во моментов.
Десниот бек потекнува од младинската школа на Вардар, а освен за скопските Црвено-црни, настапуваше и за Парма, Кротоне, Фрозиноне, Бари, Латина, Специја, Риека и Спортинг Лисабон. Од зимата 2021 година е член на Динамо Загреб.