Хрватска направи чудо и го елиминираше Бразил во четвртфиналето на Светското првенство во Катар. Коцкестите го победија петкратниот светски првак и тоа по подобро изведување на пенали со 4:2.
Во регуларниот дел мечот заврши 0:0, а во дополнителните 30 минути, Бразил даде гол за 1:0, но Хрватите не се предадоа и израмнија на 1:1, па мораше да се шутираат пенали.
Во пенал рулетот драмата се одвиваше по следниот редослед: 1:0 Влашиќ, 1:0 – Родриго (Ливаковиќ брани), 2:0 Мајер, 2:1 Касемиро, 3:1 Модриќ, 3:2 Педро, 4:2 Оршиќ, 4:2 Маркињос (статива).
Во текот на целиот меч Бразил беше подобар тим, а Хрватите одлично парираа и се бранеа најмногу благодарение на голманот Доминик Ливаковиќ. Чуварот на мрежата на Хрватска имаше неверојатни осум одбрани во регуларните 90 минути, а потоа одбрани уште еден шут во првото продолжение, за сепак да капитулира во 105 минута кога Нејмар и Пакета комбинираа, а капитенот на Бразил го помина и Ливаковиќ за да на крајот ја смести топката во мрежата на противникот.
За Нејмар ова беше 77 погодок во дресот на бразилската репрезентација и се израмни со легендарниот Пеле кој половина век беше недопирлив во оваа категорија за Кариоките. На Пеле му беа потребни 92 меча за 77 погодоци, додека Нејмар досега одигра 124 средби за Кариоките.
Хрватска немаше ниту еден прецизен удар во рамките на голот на Алисон, се до 117 минута кога Бруно Петковиќ не само што шутираше во рамките на голот на Алисон туку и даде гол за 1:1 и се избори за пенали. бидејќи сите седум обиди беа непрецизни.
Хрватска во полуфиналето ќе го очекува подобриот од вечерашниот дуел меѓу Холандија и Аргентина.