Хрватска и Мароко, четврти случај две репрезентации да играат двапати меѓу себе на едно Светско првенство

Селекциите на Хрватска и Мароко в сабота (16 ч.) ќе играат натпревар за третото место на Светското првенство во Катар и тоа ќе биде само четврти пат во историјата две селекции да се сретнат двапати на ист Мундијал. Хрватска и Мароко беа дел од групата Ф и одиграа без голови во првото коло.

Првпат две репрезентации да играат двапати меѓу себе на Светско првенство беше во 1954 година и актери беа Западна Германија и Унгарија.

Во групната фаза, Унгарците со убедливи 8:3 ја совладаа Западна Германија, но во финалниот натпревар, кој е познат и како „Чудото во Берн“, славеше Германија со 3:2.
Натпреварот е наречен „Чудото во Берн“ бидејќи Унгарија предводена од Ференц Пушкаш, Шандор Кочиш, Золтан Цибор имаше серија од 32 натпревари без пораз, а во финалето само по десет минути игра поведе со 2:0 со головите на Пушкаш и Цибор.

Но, фудбалерите на тогашна Западна Германија, преку Морлок намалија на 1:2, а потоа и израмнија на 2:2 благодарение на Хелмут Ран. Истиот фудбалер, на шест минути пред крајот на натпреварот постигна уште еден гол за триумф и прва титула за Западна Германија.

Осум години подоцна, на СП во Чиле 1962 година, Бразил и Чехословачка играа двапати. Во групата натпреварот заврши без голови и двете селекции ги освоија првите две места, а потоа успеаја да дојдат и до финалето.
Во натпреварот за титулата, Бразил славеше со 3:1 благодарение на головите на Амарилдо, Зито и Вава. Голот за Чехословачка го постигна Јозеф Мазопуст.

„Двојната пресметка“ на Светско првенство последен пат беше видена пред четири години во Русија, кога Белгија двапати славеше над Англија.
Во групната фаза, Белгија победи со 1:0 со голот на Аднан Јанузај, а истите селекции потоа играа и во натпреварот за третото место и Црвените ѓаволи славеа со 2:0 благодарение на Томас Мение и Еден Азар.

- Оглас -

Најнови вести