Репрезентацијата на Хрватска го направи најголемото изненадување на првите четвртфинални натпревари од Лигата на нациите. На „Пољуд“ падна Франција со убедливи 2-0, предност која ветува пласман на завршницата од ова натпреварување.
Андреј Крамариќ не успеа да реализира пенал во осмата минута, но Анте Будимир донесе предност за Коцкестите во 26-тата минута. Во судиското продолжение на првиот дел, Иван Перишиќ со вистински еврогол зголеми на 2-0, а на крајот се покажа дека тоа е и конечниот резултат на овој натпревар.
Во најинтересниот меч од четвртфиналето се сретнаа Холандија и Шпанија, а дека навистина ќе биде најинтересен меч, покажаа и фудбалерите на теренот. Во Ротердам се одигра ефикасно реми, 2-2, во кое Шпанија иако водеше, на крајот се спасуваше од пораз. Црвената фурија поведе преку Никоа Вилијамс во деветтата минута, но домашните направија пресврт со головите на Коди Гакпо во 28-мата и Тијани Рејндерс во 46-тата минута. Ремито за Шпанија го донесе Микел Мерино во 93-тата минута.
Италија со пресврт загуби на домашен терен во Милано од Германија со 1-2. Сандро Тонали донесе предност за домашните во деветтата минута, а Тим Клајндинст и Леон Горецка го направија пресвртот за Германците.
Португалија предводена од Кристијано Роналдо загуби од Данска со 1-0. Единствениот гол на мечот во Копенхаген беше дело на Расмус Хојлунд во 78-мата минута, а Кристијан Ериксен не реализира пенал во 24-тата минута.