Одбојкарската репрезентација на Хрватска го доживеа и третиот пораз во квалификациите и остана без теоретски шанси за пласман на Европското првенство. Хрватите загубија од Израел со 3-2 во меч кој се одигра во салата „Парк“ во Струмица, а селекторот на Коцкестите како еден од виновниците ја посочи и „претоплата“ сала во која се играл натпреварот.
„Сепак, можам да им честитам на одбојкарите кои не се предадоа по изгубениот прв сет, сета енергија ја насочивме за да победиме во претоплата сала во која беше над 30 степени“, изјави, меѓу другото, селекторот на Хрватска, Ратко Периш.
Струмица ова лето беше база и на машката и на женската репрезентација на Израел, а овој град веќе се најде во фокусот на одбојкарската јавност, кога репрезентативките на Словенија одбија да се ракуваат со нивните израелски колешки.