Репрезентацијата на Хрватска остана во игра за пласман во четвртфиналето на Светското ракометно првенство, откако во фантастичен меч успеа да го победи лидерот на табелата во групата „4“, Исланд, со 32-26. Хрватите после поразот од Египет се најдоа во незавидна позиција и на работ од елиминација, па Светското првенство можеше да остане многу рано без два од трите домаќини.
Сепак, хрватите вечерва потсетија на старите добри ракометни времиња и уште многу рано го победија непоразениот до вечерва Исланд. Хрватска уште на стартот од првотото полувреме се одлепи на 12-7, а потоа и на 20-11, па исланѓаните веќе немаа шанси да се вратат во игра во преполната арена во Загреб.
Сега Исланд, Египет и Хрватска имаат по шест бода и следува вистинска неизвесност во последното коло, кои две екипи ќе се пласираат во разигрувањето. Сепак, Египет и Хрватска се во пол-позиција, со оглед на тоа дека имаат подобар ефект во кругот од три екипи. Египет во последното коло игра во Зеленортската република и од нив се очекува лесна победа и заверка на четвртфиналето, додека Хрватска игра против испаднатата Словенија, па единствената шанса на Исланд е да ја победи Аргентина и да чека кикс на конкурентите.
Норвешка рутински со 39-22 го победи Чиле, но коорганизаторот на Светското првенство веќе е елиминиран, заедно со Шпанија и Шведска, а изненадувачки од оваа група пласман во четвртфиналето обезбедија Португалија и Бразил.