Хрватската фудбалска репрезентација ги победи Фарските Острови со 3-1, со што обезбеди место на Светското првенство во 2026 година. Со самиот пласман на завршницата на Мундијалот, Хрватска си загарантира и одлична финансиска награда.
За Коцкестите ова ќе биде седмо учество на најголемиот фудбалски настан, четврто по ред, а низ историјата имаат и одлични успеси бидејќи се закитија со еден сребрен и два бронзени медали.
Иако наградниот фонд на турнирот кој ќе се игра следната година во САД, Канада и Мексико не е официјално објавен, се очекува да надмине 900 милиони евра.
Познато е дека секоја од 48-те репрезентации што се квалификуваат за Светското првенство автоматски ќе заработи помеѓу 8,3 и 12 милиони евра, што значи дека и нашата репрезентација би добила и голема сума ако постигне подвиг и се квалификува за Светското првенство. Македонија сигурно ќе игра бараж за Мундијалот, па останува сонот дека за прв пат може да бидеме дел од завршницата со најдобрите во светот.
Бонусите се зголемуваат како што напредува турнирот, а се разгледува и воведување награди за резултати во групната фаза, па победата би донела дополнителни 1,85 милиони евра, а нерешениот резултат 925.000.
Достигнувањето до осминафиналето би можело да донесе уште 6,45 милиони евра, четвртфиналето околу 11,2 милиони евра, а полуфиналето дури 18 милиони евра.

