Коментаторот на хрватската телевизија Макс Спорт, Јошко Јеличиќ, искажа критики за македонскиот фудбалер Стефан Ристовски, кој кога беше заменет на мечот со Шибеник, имаше лута реакција.
Тренерот Фабио Канаваро рече дека Стефан му подал рака, а за тоа што го шутнал шишето, ќе треба да плати.
„Ристовски е одличен професионалец, сакам кога играчите се лутат што ја напуштиле играта“, рече Канаваро.
Јеличиќ има поинаков став.
„Стефан Ристовски на 12 февруари полни 33 години и е две години помлад од мојот син. Па можам да му кажам нешто како татко. Ристовски со право е сенатор во соблекувалната на Динамо. Тој освои многу со Динамо, но последниот добар натпревар го одигра кога не постоеше Северна Македонија, односно кога беше само Македонија. Се разбира, карикирам“, рече Јеличиќ.
„Тој беше капитен против Шибеник, излегува и шутира шише бидејќи не е задоволен. За среќа, Канаваро го канализира тоа и работата ја сврте на шега и на хумористичен начин. Стефане драг, немој да го правиш тоа, особено што ти истекува договорот и повеќе не си на тоа ниво. Имаш 33 години и се натпреваруваш со Пјер Габриел и Мохарами, кои се помлади и побрзи од тебе“, порача коментаторот, кој е познат по своите контроверзни изјави.