Бразилскиот фудбалер Хулк, за кого се интересира Вулверхемтон, не може да потпише за премиерлигашкиот клуб поради правилата кои ќе стапат на сила од 1 јануари. Клубовите од Премиер лигата по Брегзитот ќе се соочат со старите проблеми и разните рестрикции околу тоа кој може да добие работна дозвола.
Хулк реши да го напушти кинески Шангај СИПГ и да се врати во Европа. Блиску е до камбек во Порто, но повеќе пари му нудат Волците. Сепак, тој не ги исполнува условите за да игра во Премиер лигата. Прво, доаѓа од слаба лига, кинеското првенство носи малку поени, и второ, Хулк речиси пет години не игра за репрезентацијата на Бразил. Иако има доволен број мечеви за Бразил и тој услов го исполнува, проблемот е во неговите 34 години и што долго е отсутен од најголемата сцена.
Хулк во Шангај заработуваше дури 20 милиони евра годишно, но не сака да остане таму. Вулверхемптон бара замена за повредениот Раул Хименес, кој нема да игра уште неколку месеци и без Мексиканецот не им оди добро во нападот. Но, административните проблеми изгледа ќе ги натераат да бараат друго решение, можеби Венецуелецот Саломон Рондон (ексиграч на ВБА и Њукасл), кој исто така игра во Кина.