Еден од најдобрите македонски пејачи, вечно младиот Благоја Грујовски, кој пред два дена славеше роденден, веднаш ја прифати поканата да учествува во хуманитарната акција на обложувалницата Sport Life и со него ја отвораме новата сезона со хуманитарните тикети.
Грујовски состави тикет со скромни квоти, верува дека ќе биде добитен и така ќе им се помогне на тие на кои помошта им е најпотребна.
ВО РАНАТА МЛАДОСТ ТРЕНИРАЛ ФУДБАЛ И БОКС, А ПОТОА СЕ ПРЕФРЛИЛ НА МУЗИКА
„Спорт, особено фудбал, повеќе следев кога бев помлад, во годините кога бев ученик и студент, тогаш бев позагреан. Имам тренирано фудбал во јуниорскиот тим на Вардар, таму останав една полусезона, а потоа се префрлив на бокс, исто така во клубот Вардар. Таму останав една година. По фудбалот и боксот, се свртев кон музика и продолжив по тој пат до денешен ден “, го почнува разговорот Грујовски, кој во кариерата има испеано безброј хитови.
ВАРДАР МУ Е ВО СРЦЕТО, А НА СТАДИОНОТ ВО СКОПЈЕ ИМАЛ ЗАДАЧА ДА ЈА ПЕЕ ХИМНАТА НА СЛОВАЧКА
„Порано почесто одев на стадион, во последно време не сум бил, прилично слабо ги следам случувањата, но кога игра репрезентацијата или Вардар, сакам да гледам. Вардар ми е омилен клуб, во времето на Југославија ја симпатизирав и Црвена ѕвезда, такво време беше, се определувавме за некој од поголемите југословенски клубови, сега сум само за Вардар. Следам кога има важни натпревари од големите натпреварувања. Инаку, едно од поинтересните искуства на стадионот во Скопје ми беше кога играа Македонија и Словачка, а мене ми се падна да ја пеам химната на Словачка. Благица Павловска ја пееше македонската химна, јас ја имав потешката задача“, се присетува Баже.
Со хуманитарниот тикет во Sport Life, тој дебитира како обложувач. Не се обложувал, не играл наградни игри, па единствени награди му се тие од музичките фестивали.
„Никогаш не сум играл во обложувалница, некако не сум стекнал навика, иако познавам многу луѓе кои редовно го прават тоа. Се сеќавам дека во минатото имаше спортска прогноза на која се погодуваше само конечниот исход, а сега има многу поголем избор на игри. Може некогаш ќе пробам, еве сега имам прилика да типувам, па ќе видиме. Треба да се игра за да се добие нешто, јас не сум играл, затоа и не сум имал добивки. Инаку, сум купувал грепки за подарок“, вели човекот кој има оставено неизбришлива трага во македонската народна музика.
КОРОНАВИРУСОТ МУ ЈА УНИШТИ СЕЗОНАТА, ОТКАЖАНА ТУРНЕЈАТА ВО АВСТРАЛИЈА, НО СНИМИ ТРИ НОВИ ПЕСНИ
Затворените угостителски објекти им направија голем проблем на естрадните уметници кои немаат приходи, но и натаму се снимаат песни со надеж дека пандемијата наскоро ќе заврши.
„Во овие неколку месеци бев без ангажмани, но реализирав три снимки, имам три нови песни со авторите со кои соработувам, тоа се Григор Копров и Јане Рафајловски. Со Јане имам две убави песни, едната посветена на сите татковци и ќерки, другата за селото Жировница, место од крајот од којшто потекнувам. Третата е љубовна балада со која настапив на Охридски фестивал. Сезоната заврши, не ја искористивме, би рекол ни пропадна. Сите летни свадби и гостувања беа откажани. Ја откажавме и турнејата во Австралија, каде што требаше да одиме пролетоска во март, април. Проблем е што не знаеме до кога ќе трае кризата. Очекувам ситуацијата да се реклаксира, па да почнеме да работиме нормално“, раскажува Грујовски за проблемите со кои половина година се соочува тој и неговите колеги.
Доколку хуманитарниот тикет биде добитен, парите од добивката ќе ги донира на некое место на кое средствата за помош ќе смета дека се најприоритетни.
„Мојот пријател Али Февзи се занимава со хуманитарни акции, им помага на сиромашни семејства и болни лица, со него ќе се консултирам каде да се упати помошта. Има многу луѓе на кои би им била добредојдена финансиска помош“, завршува Грујовски.