Хуманитарен тикет од човекот кој го создаде кошаркарскиот хит од Тафталиџе

Боро Смилковски е голем вљубеник во кошарката, некогаш и самиот беше активен играч, а во 2018 година реши со една група ентузијасти од скопската населба Тафталиџе да го формираат кошаркарскиот клуб ТФТ.

За три години, од скромен второлигаш и чисто маалски клуб од населбата во која спортот со портокаловата топка секогаш бил игран и сакан, прераснува во закана и за најдобрите во Македонија, во моментов тимот нема пораз во првата лига и во БИБЛ.

ПАРТИЗАН БИЛ ИНСПИРАЦИЈА ЗА ЦРНО-БЕЛИТЕ ДРЕСОВИ

„Името на клубот си дојде природно бидејќи јас и луѓето кои го формиравме клубот сме од населбата Тафталиџе, ТФТ е кратенка за Тафталиџе. Боите на дресот ги одбрав поради Партизан. Јас сум Гробар по дифолт, живеев неколку години во Белград, Партизан ми е голема спортска љубов. Тоа беше инспирацијата за ТФТ да има црно-бели дресови“, раскажува Смилковски, кој е и претседател и тренер на клубот.

„Тешко е да се издржи. Ме исполнува работата, но не е нималку лесно. Како што напредуваме секоја година и како што организацијата созрева, амбициите се поголеми, со тоа и обврските се поголеми. Имам премногу обврски бидејќи не треба да бидам само тренер, јас сум и првото лице на клубот, инволвиран сум во сите потписи, договори, преговори. Голема е сатисфакцијата и со добра енергија, се издржува некако“, додава првиот човек на ТФТ.

ЖЕЛБА ЗА ВДОМУВАЊЕ НЕКАДЕ ВО ТАФТАЛИЏЕ ИЛИ КАРПОШ

ТФТ е клуб од Тафталиџе, таму живеат и странските кошаркари, но тимот своите мечеви како домаќин ги игра прилично далеку од „дома“, во СРЦ „Кале“.

„Салата ‘Форца’ е срцето на Тафталиџе, сакавме таму да играме, најприродно е, бевме во преговори летоска, имаше интерес од двете страни да најдеме свој дом што би придонело да го зацврстиме својот идентитет на клуб од Тафталиџе, но во последната фаза не се договоривме. Се надеваме дека проектот со салата Партизан во Карпош 4 би се завршил, па би играле таму. Задоволни сме од Кале, но инфраструктурно подобро би било ако сме во Тафталиџе“, вели Смилковски.

СТРАНЦИ НАМЕРНО НЕ КУПУВААТ ОД ОКОЛНИТЕ ЗЕМЈИ, ТУКУ ОД САД

„Некако природно се наметна, не може да го негираме добриот старт, во моментов како амбиција би кажал дека си поставивме влез во Суперлигата. И минатата сезона за малку ќе влезевме во шесте најдобри, но тогаш беше неочекувано, додека сега го посакуваме тоа, но нема притисок дека мора да бидме во топ 6. Целта е секоја сезона да бидеме подобри од претходната и да растеме. Засега добро ни оди“, смета Боро, кој има интересен став околу ангажирањето на странски кошаркари.

„Целиот модел на ТФТ е ‘западњачки’ и намерно, па и од маркетиншки причини, сезонава имаме странци само од САД. И јас како тренер претпочитам брза игра, мислам дека кошарката е базирана на сила и атлетика. Препознатливи бевме по тоа и лани, негуваме брз стил на игра. Физичките способности доаѓаат до израз, екипа која е физички поподготвена, секогаш е во предност. Нашите странски играчи се неафирмирани, тука им е прво професионално искуство. Направивме добар избор на странци, задоволен сум, нашиот лански играч Андерсон сега е во литванска екипа, даде 20 поени против Жалгирис“, раскажува Смилковски, кој летоска ангажираше и двајца квалитетни македонски кошаркари од репрезентативен калибар, Александар Костоски и Андреј Маслинко.

ТФТ сезонава игра(ше) и на меѓународна сцена. Клубот имаше обид во ФИБА Европа купот, а втора сезона по ред учествува и во регионалната БИБЛ.

„Тежнееме кон Европа, сакавме да видиме што ни треба за успех. Настапот во ФИБА Европа купот беше неверојатно искуство, презадоволен сум. Да, трошоците се големи, но пак би играле, сакам ТФТ постојано да игра европски мечеви. БИБЛ лани ни беше предизвик да видиме како изгледа, ни донесе многу во текот на сезоната, имавме мечеви со јаки екипи од околните земји и Израел, а некогаш имаше време и за дружење и забава. БИБЛ го нуди тоа што му треба на еден клуб кој сака да се развива и да собира искуство. Сепак, резултатски приоритет ни е домашната лига“, вели човекот кој е „алфа и омега“ во ТФТ.

Смилковски, кој ги следи и фудбалските случувања во Европа, се приклучи на хуманата акција и состави хуманитарен тикет, кој ако биде добитен, парите ќе ги донира на вистинско место. На тикетот се најде и неговиот омилен Партизан, за којшто верува дека ќе слави во Бачка Топола.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести