Селекторот на македонската машка сениорска кошаркарска репрезентација, Марјан Илиевски, најавува дека ќе биде направено сè за Македонија да се најде на наредниот Евробаскет кој ќе се игра во 2029 година.
Иако тоа во моментов на многумина им изгледа тешко остварливо, со комплетен состав, поголемо искуство и напредок на младите играчи и добри ждрепки, Македонија повторно може да влезе меѓу 24-те најдобри во Европа.
Илиевски летово се нафати да ја води драстично помладената селекција и не се жалеше, туку работеше, знаејќи дека во иднина може да биде само подобро. Сега следува прва фаза претквалификации за ЕП 2029 против Ирска, Азербејџан и Луксембург. Патот до првенството ќе биде долг, но селекторот е оптимист.
„Можеби резултатите во претквалификациите за Светското првенство изостанаа, но како што реков и по оној последен меч и победата над Унгарија, верувам дека токму од овие претквалификации ќе почнеме да се движиме напред како репрезентација. Во претквалификациите за Европското добивме ривали што на хартија воопшто не се атрактивни, но на сите им е јасно дека само со максимално залагање на сите шест натпревари може да се дојде до она што го посакуваме – прво место и пласман во наредната квалификациска рунда. Тука треба да ги поставиме и темелите во играта за главната фаза од квалификациите за Евробаскетот 2029, ќе дадеме сè за да се пласираме на тоа првенство“, најавува Илиевски.
Илиевски има функција и генерален менаџер на битолски Пелистер. Тимот следниот петок на 19 септември во бугарскиот Самоков ќе игра квалификации за Лигата на шампионите на ФИБА, прв ривал е италијанскиот претставник Палаканестро Реџана.
„Сметаме дека направивме вистински потег со пријавата за квалификациите за ЛШ, тренд што во иднина треба да го следат екипите што ќе се најдат на врвот на табелата. Целта ни е да се претставиме во што подобро светло, знаеме со колку квалитетен ривал ќе се соочиме во Самоков, но и во случај на пораз, ќе продолжиме во ФИБА Европскиот куп. Таму верувам дека Пелистер може да стигне до неколку победи на европската сцена, први во историјата на нашиот клуб. Што се однесува до домашната сцена, имаме квалитетен тим за да го оставиме зад себе разочарувачкиот исход од ланската сезона и повторно да се бориме за висок пласман“, вели Илиевски.
Во моментов фокусот на европската, па и на светската кошаркарска јавност е свртен кон Евробаскетот, кој завршува в недела. Вечерва се двете полуфиналиња, а в недела е големото финале. Илиевски со интерес го следи првенството.
„Европското првенство донесе големи возбудувања, мене лично многу ми се допаѓа начинот на којшто игра Финска, селекција само со една вистинска ѕвезда што успеа да стигне до полуфиналето. Брзата кошарка со многу движење и креирање отворени шутеви е кошаркарска филозофија што навистина ми се допаѓа, затоа и сметам дека Финците никако не смеат да се потценат ниту на полуфиналниот меч со Германија, без оглед што светските шампиони се големи фаворити“, коментира нашиот селектор.
Што се однесува до обложувањето и фудбалот, тоа е послаба точка на Илиевски, но не одби да состави хуманитарен тикет со надеж дека ќе има среќа.
„Не сум преголем фанатик за фудбал, но ги следам оние најинтересни натпревари, дерби-дуелите од најсилните европски лиги и од Лигата на шампионите. Ако треба да издвојам еден или два клуба кои ги поддржувам, тоа нека бидат Ливерпул и Милан, иако не сум некој преголем навивач кога станува збор за фудбалот“, заклучува некогашниот кошаркар, кој веќе 16 години работи како тренер и има освоено две титули во регионалната БИБЛ лига, а сега е селектор на македонскиот национален тим кој ќе се обиде да ја врати Македонија на ЕП по пауза од 14 години.