Во духот на хуманоста и спортското пријателство, македонската репрезентација на ветерани извојува победа со 2-3 против бугарските ветерани на ревијалниот натпревар одигран во Варна. Овој меч имаше посебна тежина: сите собрани средства беа наменети за семејствата на жртвите од трагедијата во Кочани.
Идејата за овој настан произлезе од големиот Христо Стоичков, кој заедно со своите соборци од Бугарија испрати порака на солидарност. Македонската страна веднаш ја прифати иницијативата, со Горан Пандев како лидер на нашите фудбалски легенди.

Натпреварот се одигра во вистинска спортска и пријателска атмосфера, со две полувремиња по 35 минути. Победата за Македонија ја донесе голот на Дарко Тасевски, кој во 57-та минута погоди за конечни 2-3.
Ристо Божинов прв го отвори резултатот за Македонија, но Камбуров израмни од пенал. Потоа, Пандев, исто така од белата точка, ја врати предноста за Македонија. Михтарски погоди за ново израмнување, пред Тасевски да стави печат на натпреварот.
Иако резултатот беше само бројка, вистинската победа беше заедништвото и хуманоста. Овој настан уште еднаш потврди дека спортот има моќ да ги обедини луѓето и да внесе светлина дури и во најтемните моменти.