Хумелс: Не гледам причина зошто да не го добиеме и финалето на „Вембли“

Дефанзивецот на Борусија Дортмунд, Матс Хумелс, кој го постигна единствениот гол во полуфиналниот реванш од Лигата на шампионите со ПСЖ, после 11 години повторно ќе игра финале на ЛШ во дресот на Борусија, и тоа повторно на „Вембли“ во Лондон и можеби повторно против Баерн Минхен од кого загубија тогаш.

Хумелс верува дека Жолто-црните можат да ја освојат европската титула.

„Во кариерата имам постигнато премалку голови во Лигата на шампионите, само пет, а овој ми е најважен. Од вториот натпревар во групната фаза верувавме дека можеме да победиме на секој натпревар и не гледам причина зошто да не можеме да победиме на Вембли. Постојано бевме активни, одржувавме многу високо темпо на игра и тоа беше нашиот рецепт за успех“, изјави Хумелс.

Во финалето на Лигата на шампионите на 1 јуни, противник на Борусија ќе биде Реал Мадрид или Баерн Минхен.

„Малку луѓе ни даваа шанси, но ние сме тука и за 20 дена на Вембли ќе треба да го играме нашиот најдобар фудбал. Имавме добар голман и имавме среќа што тие ги погодија стативите во двата натпревари. За финале, ни требаа среќа и голови. Ги имавме и двете работи“, заклучи Хумелс.

- Оглас -

Најнови вести