Бјури е клуб со 134-годишна историја во Англија, еден од најстарите во колепката на фудбалот, а заминува во историја поради финансиски проблеми и е исклучен од Лига 1.
Болтон е во истата лига и некако успеа да преживее и да продолжи да игра, но проблемите на овие два клуба го вклучија алармот кај Англичаните. Слични проблеми имаат и многу други клубови од пониските лиги, а главна мака е како да се обезбедат финансии за нормално функционирање.
„Сè поголем е јазот меѓу премиерлигашите и сите останати клубови во Англија. И во најсилната англиска лига има голема разлика меѓу големата шесторка и останатите клубови. Сè се врти околу Манчестер сити, Ливерпул, Манчестер јунајтед, Арсенал, Челзи и Тотенхем. Титулата што ја освои Лестер само го потврдува правилото дека примарни се овие шест клуба. За нив се пишува, тие имаат моќ да купуваат, да добиваат огромни пари за ТВ-права, да имаат огромни спонзорски договори“, пишува аналитичарот на „Индепендент“, Мигел Делани.
Тој и останатите експерти пресметале дека сè помал е интересот и на публиката за следење на мечевите на помалите, честопати локални клубови, на сметка на големците на англискиот фудбал.
„За да можат спокојно да функционираат екипите од Лига еден треба да имаат посета најмалку од 10 илјади гледачи по меч, а членовите на Лига два околу 5 илјади по натпревар. Но, во ера на глобализација, поефектно е да одите на ’Олд Трафорд% или на ’Енфилд роуд’ и да навивате за Манчестер јунајтед или Ливерпул, Сега е помодерно да навивате за некоја од екипите од големата шесторка, отколку за Бјури или Болтон. И Англиската фудбалска федерација бавно реагира на конкуренција. Кој ќе гледа меч меѓу Донкастер и Транмере во вторник или среда, во термин на натпревари од Лигата на шампионите. Тоа е безмилосно поигрување со своите клубови и однапред загубена битка“, вели во својата анализа Делани.
Фудбалот сè повеќе се комерцијализира и станува значајна индустрија, а малите клубови сè потешко се снаоѓаат во новите услови. Предвидувањата се дека без рецепт за пресврт и модел како да се функционира во такви услови, сè поголем број локални клубови со голема традиција ќе пропаѓаат во Англија.