И Аргентина им одржа лекција на ракометарите

Ракометната репрезентација на Македонија со три порази го заврши настапот во групната фаза на Светското првенство што се игра во Полска и Шведска.

По убедливите порази од Норвешка (39:27) и Холандија (34:24), ракометарите вечерва загубија со 35:26 од Аргентина и го освоија последното место во групата Ф и настапите ќе ги продолжат во утешниот Президент куп.

Ракометарите најдобрата игра ја прикажаа на стартот, против Норвешка, иако го забележаа највисокиот пораз. Дуелот со еден од фаворитите за триумф на СП го симна товарот од грбот на младите ракометари и одиграа најдобро досега на Мундијалот.

Но, во наредните два натпревари против Холандија и Аргентина, од кои јавноста и Фалангата, која повторно ги бодреше од трибините, се очекуваше уште подобро издание, избраниците на селекторот Кирил Лазаров целосно потфрлија и доживеаја два убедливи порази и останаа без пласман во главната фаза.

Вечерва сите дилеми околу победникот беа решени во првото полувреме, Македонија единственото водство го имаше само на почетокот, кога Филип Талески го отвори резултатот, по што контролата ја презедоа Аргентинците и заслужено се пласираа во главната фаза.

Веднаш со два гола преку Симонет и Пизаро поведоа со 1:2, а потоа за три минути направија серија од 0:4, со која поведоа со 4:9 и до крајот ги контролираа случувањата на теренот во „Таурон арената“.

Македонија беше безидејна во нападот, додека Гаучосите со лесни голови од контри успеваа да ја одржуваат и да ја зголемуваат предноста. Играта во одбраната исто така беше под очекуваното ниво, а тоа најдобро го отсликува податокот дека Црвено-жолтите имаа само едно исклучување во првото полувреме, кога практично беше решен победникот.

На крајот Аргентина славеше со убедливи 26:35 и настапите ќе ги продолжи во претседателскиот куп. Филип Талески со пет гола и Филип Кузмановски со четири беа најдобри кај Македонија, додека Диего Симонет со осум гола беше прво име кај Аргентина.

Следниот натпревар Македонија на СП ќе го игра против Алжир на 19 јануари, во рамките на Президент купот.

- Оглас -

Најнови вести