Тренерите на Барселона и на Реал Мадрид, Чави Ернандес и Карло Анчелоти, се оптимисти пред утрешното Ел Класико кое ќе се игра во рамките на шпанскиот Кралски куп. Реал Мадрид во првиот полуфинален натпревар (21 часот) ја пречекува Барселона на „Сантијаго Бернабеу“.
Чави фаворитската улога му ја препушта на Реал Мадрид, но вети дека неговите фудбалери ќе дадат сè од себе за да триумфираат во Купот.
„Знаеме дека Реал е исклучително тежок противник. Реал е фаворит за триумф во Купот, тој е актуелен европски и шпански шампион. Но, овие два натпревари ќе бидат поинакви од тие во Ла Лига. Одиме во Мадрид за да победиме и да покажеме кои сме, ќе дадеме сè од себе да го освоиме овој трофеј. Секогаш сум возбуден кога играме на ‘Сантијаго Бернабеу’, овој натпревар ме мотивира многу повеќе од кој било друг. Феноменално е чувството да се победи во Мадрид“, изјави Чави.
Оптимист е и тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, кој верува дека неговите фудбалери ќе играат во финалето на Купот.
„Нè очекува интересен натпревар, убеден сум дека навивачите ќе уживаат во сите 180 минути. Ќе се обидеме да победиме на првиот натпревар што се игра пред нашите навивачи“, рече Анчелоти.