И Елмас се загуби во градината на Гранада, незгоден пораз за Наполи на „Лос Карменес“

И Елиф Елмас се загуби во прекрасните градини на Гранада, а Наполи, за којшто игра македонскиот репрезентативец, вечерва загуби со 2:0 на „Лос Карменес“.

Стадион кој ни остана во непријатни спомени во 2016 година, по поразот од 4:0 на Македонија против Шпанија во квалификации за настап на Мундијалот во Русија, вечерва ниту за Елмас и неговите соиграчи од Наполи немаше многу пријатни моменти.

Елмас беше стартер за Наполитанците, но одигра скромно како и целиот тим, а најава за поразот стигна многу брзо. Јангел Ерера погоди за 1:0 во 19-тата минута, а само 180 секунди подоцна прецизен беше и Кенеди.

Нашиот репрезентативец го одигра целиот меч во првиот чин од двомечот со Гранада во 1/16-финалето во Лигата на Европа, доби и жолт картон, а Наполи ќе има тешка задача во реваншот на свој терен на 25 февруари да ја анулира негативата од два гола разлика.

Во останатите мечеви од Лигата на Европа што се играа од 21 часот, на гостински терен победија Вилјареал против Салцбург, Ајакс против Лил, Шахтар со Макаби Тел Авив и Глазгов ренџерс против Антверпен.

Бенфика и Арсенал во дербито ремизираа 1:1, исто како и Молде и Хофенхајм, но со резултат 3:3.

Резултати: Гранада – Наполи 2:0, Бенфика – Арсенал 1:1, Антверпен – Глазгов ренџерс 3:4, Лил – Ајакс 1:2, Макаби – Шахтар 0:2, Молде – Хофенхајм 3:3, Салцбург – Вилјареал 0:2.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести