По пласманот на Македонија на ново Светско ракометно првенство, Стојанче Стоилов, кој ја имаше улогата на капитен, најави дека се повлекува од националниот дрес.
„Среќен сум што ја победивме Чешка и се пласиравме на Светско првенство. Сакам да најавам крај на репрезентативната кариера, која трае дури 15 години. Со гордост го носев овој дрес. Киро за мене секогаш ќе биде капитенот, фала ти за сè, за сè што успеавме да направиме и да не направиме. Веќе не можам да продолжам во ова темпо без одмор. Многу се напорни сезоните и навистина сум на крајот од силите. Едноставно, телото не ми издржува. Ми беше чест“, рече Стоилов на прес-конференцијата по победата над Чешка.