И Карачиќ им го зедоа, и пак Вардар и Скопје си останаа енигма за Кјелце

Што сме биле добри домаќини. А бе, нема како нас на светов. Каков пречек доби Игор Карачиќ во „Јане Сандански“ пред повеќе од 6.000 навивачи на Вардар, просто да се гордееш што гостопримството е една од ретките добри карактеристики на овој народ. „Комити“ и сите присутни во аеродромскиот спортски комплекс се потрудија на вистински начин да му се заблагодарат на миленикот за преубавите изминати седум години, кој за првпат во саботата се спротивстави на војската во црвено-црна унирофма.

При првото појавување на теренот, Карачиќ беше испратен со громогласен аплауз, а неговата насмевка експресно се појави на лицето со помисла „дома сум“. Кара крена рака кон трибините, пушти спортски и топол поздрав до неодамнешните соиграчи и тргна да се загрева. Трчка напред-назад по теренот и цело време нешто го тера да погледне кон публиката. Се забележа дека му недостасува да биде дел од оваа црвено-црна бајка, но собра храброст да се воздржи од емоции бидејќи сега има нова должност, да го разочара тимот со кој ги достигна ракометните врвови.

Згрмеа „Комити“ за Карачиќ и при претставувањето на екипите, а потоа Столе го дочека моментот да си го гушне братот, исто како кога креваа трофеи заедно. Капитенот му подари дрес со порака „Кара, фала ти за сѐ“, па над 6.000 грла едногласно продолжија со „Карачиќ Игор“, а тој, пак, се стегна да не пушти солза. Недостасуваше само уште хитот на „Нови фосили“…

https://www.youtube.com/watch?v=hWXptbs15G0

 

ЈА ИМАА ПОБЕДАТА ВО РАЦЕ, НО НА КРАЈОТ РЕМИТО Е УТЕХА ЗА ДА НЕМА ПЛАЧЕЊЕ

Заврши емотивната церемонија, почна битката. Вардарци знаеја дека веќе ја имаат моралната предност, запалената публика беше осми играч, а оние седуммина на теренот решија да покажат дека и некомплетни ќе му приредат пекол на Кјелце во скопскиот вулкан. Тргна шутот, од Атман до Стоилов, европскиот првак го доби посакуваниот старт со 10-5 за делириум во „Јане“. Како што одминуваше првиот дел, гостите се консолидираа, но и на проблемите кои ги правеше Јанц, Вардар имаше одговор, па и минимални 17-16 на паузата беа доволни за надеж дека гостите од Полска разочарани ќе ја напуштат нашата метропола. Чупиќ беше еден од оние кои најмногу го понесе атмосферата (како и секогаш), погодуваше кога беше најпотребно, го прекина и 10-минутниот пост на Вардар во моменти кога Кјелце презеде резултатска конторла.

Се најде решение за серијата на полскиот гигант и со тешки маки Вардар повторно се најде во поволна позиција. Се разбрани Гербан, Скубе и неговите магични потези проработеа повторно, го извади Вардар од пораз и за момент донесе надеж дека ќе се слави победа, па црвено-црната чета никако нема да му замери за нереализираниот шут во последниот напад од трилерот кој долго ќе се памети.

СИ ОСТАНА СКОПЈЕ ЕНИГМА ЗА КЈЕЛЦЕ

Кој го памети поразот на Вардар против Кјелце пред повеќе од пет години? Лесно е заборавено тоа разочарување, кое никако да се повтори веќе четири средби кои се играат во Аеродром. Лесно се заборава кога се случуваат спектакли како тој во саботата. Се мачи Кјелце да си ја реши оваа енигма македонска, не помага ниту со земање на најдобрите вардарови ракометари. Го зедоа Дујшебаев пред неколку години, летово и Карачиќ, но ниту тоа не му донесе резултат. Полјаците првпат останаа непоразени по оној триумф од 20:22 во четвр-тфиналето во април 2015 година. Вардар пред тоа на трипати ја покажа моќта со убедливи победи (34:24, 40:34, 28:27).

И кога беа најсилни, и сега кога тимот беше десеткуван без клучните Криштопанс и Дизингер, Вардар покажа дека има лавовско срце и без борба не се предава, најмалку пред верните следбеници, а ниту кога треба да ги одмери силите со некогашен „свој ратник“. Без разлика што тимот не е квалитетен на хартија како порано, овој Вардар има уште многу да му даде на европскиот ракомет и оваа сезона, иако за момент беше  отпишан по дебаклите од Кил и Веспрем. Треба да се запамти дека сезоната е долга, има уште многу да се игра…

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести