Ѝ претстои голема кошаркарска иднина, а сега „склопи“ убав хуманитарен тикет

Женската кошарка во Македонија во последните години забележа голем напредок, како и на клупско така и на репрезентативно ниво.

Иако сето ова е само на почетна фаза, луѓето од Федерацијата, а пред сè самите кошаркарки се надеваат дека нема тука да застане.

Јована Петрушевска е една од нашите млади кошаркарки кои по неколку сезони одиграни во клубовите од нашата држава, сега се одлучи да замине во странство, поточно во клубот Дафни Агиој од Грција.

„Нивото на професионалност е неколку скалила повисоко од нашата држава и имам само пофални зборови за клубот и раководството.

Играм на доста тешки позиции кои бараат навистина големо вложување, но јас сум тука и не се откажувам.

Имавме доста добар почеток на сезоната и се надевам дека ќе успееме да се пробиеме во фајнлфор-турнирот на крајот од сезоната“, започна Петрушевска и продолжува.

„Мислам дека голем број ќе се согласат со мене дека во последниве години, македонската женска кошарка, тимовите и голем број играчи навистина се напреднати.

Доказ за тоа се и последните натпревари во репрезентацијата и се надевам дека ова е само почеток. Секако, не смееме да се задоволиме со пораз, ама никој не гради куќа за два дена. Веруваме во процесот на подобрување и дека ќе покажеме сè подобри резултати.

Навистина не знам што ќе биде во иднина бидејќи периодов се научив сама да уживам во моментов и да не гледам далеку бидејќи не секогаш излегува како што планирам. Би рекла дека ќе биде убаво доколку успеам да го продолжам договорот на уште една сезона со истиот тим тука, во Атина, а за понатаму ќе видиме“.

РАКОМЕТНА КАРИЕРА КОЈА ТРАЕЛА ШЕСТ МЕСЕЦИ

Пред да започне да се занимава со кошарка, Јована била активна во ракометот. Но, сето тоа траело навистина кратко поради повреди.

„Пред да почнам да тренирам кошарка, јас бев активна во ракометот.

Таа ‘кариера’ траеше шест месеци, пред да го повредам коленото и целата таа ситуација на операции и слично на 10-годишна возраст ми створи одбивност кон овој спорт.

Сосем случајно по една година бев да го гледам помалиот брат на тренинг и решив и јас да се пробам во кошарката преку летниот камп Јуниор“, вели Јована.

РЕАЛ МАДРИД Ѝ Е ОМИЛЕН, А ПРЕФЕРИРА ЕВРОЛИГА ВО ОДНОС НА НБА

„Омилен тим ми е Реал Мадрид, а тренер, секако, Пабло Ласо, којшто е ‘тренериште’ во секоја смисла. Навистина играат одлична одбрана и имаат константност во текот на сите овие години.

Генерално, повеќе преферирам европска кошарка отколку НБА-лигата“, додава Петрушевска.

СПОРТСКАТА Ѝ Е „СЛАБА“ СТРАНА ИАКО ИМА ДОБИТЕН ТИКЕТ

Згуснатиот распоред и напорните тренинзи практично на Јована не ѝ дозволуваат да има слободно време, особено по заминувањето во Атина.

„Искрено, немам поим од играње спортска и не се ни разбирам од квоти или нешто слично.

Но, можам да кажам дека со еден другар уплативме на НБА-кошаркари на ‘тепка’ на плус и минус, практично без да ги гледаме имињата.

Утредента кога сфативме дека тикетот е добитен, чувството навистина беше убаво“.

 

- Оглас -

Најнови вести