И Реал и Роналдо имаат штета од ланскиот „развод“

„Бракот од интерес“ помеѓу Реал Мадрид и Кристијано Роналдо, кој беше раскинат минатото лето, им нанесе штета на двете страни, покажува сегашноста. Можеби Јувентус доби финансиски бенефит со трансферот, но кога изостанува посакуваниот резултат, парите не може да ја покријат болката.

Реал без Роналдо, кој е клупски рекордер по бројот на голови, уште на почетокот на март остана без шанса да се бори за трофеите, ја има една од најлошите сезони во клупската историја. За првпат по 2010 година, Мадриѓаните ги нема меѓу полуфиналистите во Лигата на шампионите. Тие што го сакаат, коментираат дека разделбата по финалето во Киев никогаш не требаше да се случи.

Роналдо веруваше дека и со Јуве може да продолжи таму каде што застана со Реал, но се излажа, па и тој за првпат по 2010 година нема да игра во полуфинале во ЛШ. Во „старата дама“  му изостана помошта од соиграчите и сам не можеше против младиот тим на Ајакс, кој во претходната рунда го шокираше и Реал среде Мадрид, како синоќа против Јуве во Торино.

Синоќа Португалецот го даде својот 100-ти гол со глава во кариерата. Од тие 100, 70 даде како член на Реал. Можеби во Мадрид не го сакаа и не го ценеа толку многу, но барем имаа меѓусебен интерес и редеа успеси. Вака, губитници се и двете страни.

- Оглас -

Најнови вести