И самиот Гвардиола е изненаден од серијата победи на неговиот Сити

Манчестер сити со вчерашната победа на гости кај Арсенал од минимални 1-0 ја оствари 18-тата последователна победа во сите натпреварувања, подобрувајќи го веќе поставениот рекорд на една англиска екипа.

Граѓаните со брзина на светлината итаат да се вратат на фудбалскиот врв во Англија. На 13 кола до крајот во Премиер лигата, тимот на Пеп Гвардиола е лидер со 10 бода предност во однос на Манчестер јунајтед и Лестер.

Самиот Гвардиола е изненаден од учинокот на својата екипа кој трае веќе два месеци, во кои Сити одигра 25 натпревари без пораз, а последниот го паметат на 21 ноември на гостувањето кај Тотенхем.

„Искрено, и јас сум изненаден од серијата победи. Изненаден сум и импресиониран. Додека целиот свет страда, додека речиси сите екипи во многу лиги неочекувано губат бодови, ние сме константни и доследни на предизвикот. Навистина, вакво нешто не очекував“, посочи Гвардиола.

Неговиот Сити утре ќе гостува кај Менхенгладбах во првиот осминафинален дуел во Лигата на шампионите, во којшто составот на Пеп ќе се обиде да ја наниже и 19-тата победа во сите натпреварувања.

- Оглас -

Најнови вести