Швајцарија пристигна во Египет на сличен начин како и Македонија, беа дури и втора резерва зад нас за настап на Мундијалот, но играат топ-ракомет и денеска го изненадија Исланд со победа од 20:18.
Предводени од расниот голгетер Енди Шмид, кој постигна шест гола, Швајцарците славеа значајна победа во првиот меч од втората фаза по групи.
Сидорович беше втор стрелец со четири погодоци во тврд меч, во кој победникот ги доби двете полувремиња со ист резултат 10:9, за вкупно 20:18, со што ги освоија и првите бодови во втората фаза по групи.
Швајцарците играа одлично и во првиот дел на шампионатот, Франција едвај ги победи со 25:24, му пружија солиден отпор и на еден од главните фаворити Норвешка во поразот од 25:31, а ја победија Австрија со 28:25.
Интересно е што Македонија ја победи Швајцарија со 25:23 во ноември лани, во квалификациски меч за настап на следното Европско првенство.