Скандалозни одлуки се случуваат во македонскиот фудбал. Воска Спорт го напушти теренот на мечот со Вардар, а потоа се повлече и од Првата лига, а и Гостивар овој викенд не го доигра мечот против Работнички.
Ваков скандал пред неколку дена се случи и во Бих, каде што на натпреварот во Тузла фудбалерите на Слобода решија да го напуштат теренот во 87-мата минута од натпреварот.
Сè се случило откако главниот судија, Милош Гиговиќ, досудил пенал за Посушје, а тоа беше капката која ја прелила чашата кај Тузлаците на оваа средба. Интересно е дека во БиХ веќе е имплементиран ВАР-системот.
Овој скандал дојде и до страниците на британскиот таблоид The Sun, кој пишуваше за настаните на натпреварот во Тузла. Можеби следно е и македонската Прва лига да биде на насловните страници на британските весници.
Како што пишуваат англиските новинари, во Тузла се случил шокантен инцидент на натпреварот меѓу Слобода и Посушје во рамките на лигата на Босна и Херцеговина.
„Резултатот беше 1-1, а Слобода по контроверзното исклучување во последните десет минути играше со еден играч помалку. Потоа Милош Гиговиќ досуди ‘мек’ пенал за Посушје по дуел на двајца играчи во воздушен дуел за топката. Пеналот беше веднаш оценет како најлош што некогаш бил досуден, а одлуката на судијата беше сметана за смешна”, пишува англискиот медиум.
Натпреварот е прекинат, а сè уште се чека одлука, но сите се уверени дека Посушје ќе ги добие трите бода бидејќи Слобода Тузла го напушти натпреварот. Секако, ќе следуваат и соодветни казни за виновниците.