Машката ракометна репрезентација на Македонија вечерва против Унгарија го почнува настапот на Светското првенство 2025, а избраниците на Кирил Лазаров и со само една победа во првите три меча би имале пласман подобар од претходното СП во Полска и Шведска пред две години.
Преклани Македонија ги загуби сите три меча во првата фаза и играше во утешниот Претседателски куп, а таму имаше скор од две победи и еден пораз, што беше доволно само за 27-мо место на конечната табела. Тоа е најлош пласман што го имале Црвено-жолтите на машките ракометни Мундијали.
Од друга страна, најголемиот успех беше деветтото место на СП во Катар во 2015 година, кога на шест меча билансот беше четири победи и два порази.
Најмногу победи (5) сме имале во 2009 во Хрватска, истата земја во која играме и сега, а и сега како и тогаш, пред 16 години, првата фаза е во Вараждин, па не би имале ништо против да се повтори тој резултат и освојување на 11-тото место.
Севкупно, Македонија денеска ќе го игра својот 55-ти меч на светските првенства и ќе ја бара својата 22-ра победа.