И тоа е можно: Ски-скокач го откажа настапот на Планица затоа што има страв од височина

На словенечката Планица во тек е завршницата на Светскиот куп во скијачки скокови, а според традицијата, на крајот од март секогаш гледаме летови на култната леталница во Словенија.

Оваа година, пред самиот почеток, пристигна една интересна вест.

Имено, германскиот натпреварувач Филип Рајмунд го откажа настапот на Планица, а верувале или не, причината е страв од височина.

Сигурно сите се прашуваат како е можно професионален ски-скокач да се плаши од височина, но и тоа постои.

Рајмунд објасни дека Планица е преголем предизвик за него и призна дека не се чувствува комотно кога е на самиот врв на скокалницата.

Планица е една од двете најдолги леталници, но има и повисок мост од Викерсунд, па од врвот на леталницата целната рамнина изгледа доста непријатно и е само за најхрабрите натпреварувачи. Затоа ова натпреварување претставува голем предизвик за многумина.

Германецот не е првиот скокач кој признал дека има страв од височина, пред него тоа го признале и Сигурд Петерсен, Андреас Видхолц, Андреас Ванк, Даниел Андре Тандe, Филип Сакала и Лукас Милер.

„Некои од вас можеби знаат дека имам страв од височина. Обично го држам под контрола и тоа не ми е проблем за време на скијачките скокови, но понекогаш, главно за време на долгите летови, имам проблем со реакцијата на телото“, изјави Рајмунд и додаде:

„Секако дека го имам тоа под контрола во 95% од моите скокови, но кога станува збор за Планица, сè уште не сакам да ризикувам. Затоа, првите три дена ќе бидам само набљудувач, за да го почувствувам амбиентот, да гледам и да учам.“

- Оглас -

Најнови вести