Едноставно не можеше да биде поголема драма на мечот меѓу Киево – Емполи, во борбата за влез во Серија А. Ова беше дуел од четвртфиналето во плејофот за влез во Серија А, се играа 120 минути, победник на теренот немаше (1:1), а на крајот сепак се радуваа играчите на Киево.
Дуелот беше многу драматичен, а двата тима во регуларните 90 минути добија по еден пенал, но и Киево и Емполи промашија, па остана 0:0 и мораа да се играат продолжувања. Во дополнителните 30 минути Киево поведе со 1:0 во 97 минута, а Емполи и по втор пат промаши пенал, овојпат во 103 минута. На крајот Емполи успеа да даде гол во 110 минута за 1:1, резултат кој беше по 120 минути игра.
Во една ситуација кога нема победник по два часа игра, секаде на светот се шутираат пенали, но не и во Италија во овој плејоф за влез во Серија А. Според правилото, доколку биде нерешено по 120 минути игра, за победник се смета тимот кој бил подобропласиран на табелата во Серија Б.
По 38 одиграни кола во Серија Б, Киево заврши на шестото место со 56 бодови, додека Емполи беше седмопласиран со 54 бодови, па затоа Летачките магариња се радуваат на влез во полуфиналето од плејофот за пласман во Серија А. Следен ривал на Киево ќе биде екипата на Специја.